Ставот на министерот за здравство, Венко Филипче, и на Комисијата за заразни болести е кафулињата и рестораните да работат само надвор, односно да бидат отворени само летните тераси, а во јавниот превоз задолжително да се носат маски.
Кога ќе бидат отворени угостителските објекти и кои протоколи ќе треба да ги почитуваат, министерот Филипче вели дека ќе се знае до крајот на оваа недела.
„Сите протоколи ќе ги објавиме до крајот на оваа недела и очекуваме некои од нив да бидат во функција од следната недела“, рече министерот Филипче потенцирајќи дека протоколите ќе содржат детаљни упатства за работење со мерки за заштита од коронавирусот.
Со посебен протокол ќе биде пропишано како и кога ќе се отворат и базените. Филипче рече дека постои можност за пренесување на вирусот во соблекувалните и најави дека начинот на кој ќе се користат, ќе биде посебно уреден. На ист начин ќе се уреди и одржувањето тренинзи, како и работата на сите други спортски објекти.