Англичанка го убеди дечкото од Лондон да се венчаат во Охрид

Британската двојка Луси и Џони се венчаа во Охрид. Тие специјално за оваа пригода допатувале во Охрид, заедно со нивни блиски роднини и пријатели од различни делови на Англија, но и од Австралија, Дубаи, Сингапур и од Германија, пишува порталот „Охрид њуз“.

Идејата да се венчаат во Охрид дошла случајно, на патувањето на Луси во Охрид, непосредно по свршувачката со Џони. Штом пристигнала во Охрид, таа знаела дека тоа е местото на кое сака да ги покани своите пријатели и роднини за својата венчавка. Единствено, требало да го убеди Џони дека тоа е вистинската локација.

„ Некој кажа треба да го посетите Охрид, многу е убаво и јас реков добро. Кога стигнавме со пријателката се воодушевивме и помисливме како тоа никој не слушнал за ова место. Толку е убаво, луѓето се гостопримливи, има многу нешта кои можат да се направат. И бидејќи доаѓањето беше по свршувачката, помислив дека овде може да се организира навистина прекрасна венчавка. Му се јавив на Џони и му реков дека најдов прекрасно место, а тој одговори: Не се шегувај! Му реков: Те молам види го Охрид и ако кажеш не, добро, нема да го спомнам повторно“, раскажала Луси.

Венчавката се одржала минатиот викенд во дворот на црквата Свети Јован Канео. Следувала забава на плажата Канео, а бендот што ги забавувал гостите специјално за оваа пригода ја подготвил темата You are my sunshine на Џони Кеш, но овој пат со стихови напишани од брачниот пар.

Scroll to Top