Пред осум години Александра Томас и Скот Џонс се бакнуваа легнати на улицата пред полициски кордон, за време на судирот на полицијата и навивачите на хокеј во Ванкувер. Нивниот бакнеж го обиколи светот. Долго се зборуваше за фотографијата на која двајца вљубени се бакнуваат среде немири, кога полицијата ја смируваше разбеснетата толпа. Сепак, приказната е поинаква од првиот впечаток на фотографијата. Скот Џонс во интервју за „Гардијан“ раскажува дека сето ова завршило во прекрасна слика, но не е и роматична приказна како што многумина мислат. Полицијата ги удирала со пендреци, па тој легнал врз Александра да ја заштити, а потоа ја бакнал за да ја смири.
„Таа вечер хокеј навивачите од Ванкувер по поразот на нивниот тим излегоа на улиците и направија хаос. Алекс и јас во тоа време бевме во врскаоколу шест месеци и мечот го гледавме кај пријателка што живееше близу стадионот. Кога тргнавме да си одиме, атмосферата беше напната, а неколку автомобили беа запалени уште пред да заврши мечот“, раскажал Скот, кој работи како комичар во Австралија.
Вели дека со Александра, која е инженер, сакале да фатат воз за да стигнат до другиот дел на градот, но толпата што дивеела ги повлекла меѓу нив. Навивачите почнале да кршат излози, стакло летало на сите страни, па во тие моменти дошле и вооружени полицајци.
„Одеднаш се појави полициски кордон, сите почнаа да бегаат, но ние не бевме доволно брзи, па не турнаа на земја. Двајца полицајци почнаа да не удираат со пендреците, сакаа да не тргнат оттаму. Алекс лежеше под мене, а јас пробав да ја заштитам. За кратко се тргнаа и не оставија на празната улица. Таа беше хистерична, па јас ја бакнав за да ја смирам. Лежевме неколку минути на земја. Имавме само неколку гребнатини, ништо повеќе. Некако стигнавме до станицата, но заради немирите таа беше затворена. Пешачевме долго до најблиската следна станица. Кога влеговме во возот сите беа насмеани, расположени, како да не знаеја што се случуваше во близина. Беше чудно“, додал Скот.
Следниот ден тој добил порака од пријателката кај која ја гледале утакмицата: „Дали сте вие на сликата?“. Скот не знаел дека некој ги сликал како ја бакнува Александра среде немирите. Откако ја виделе сликата почнале да слушаат и невистинити приказни – дека Алекс е избодена со нож, дека не се во врска, дека ја пипкал под фустанот за да ја провоцира полицијата.
„Многу луѓе и денес мислат дека сликата е лажна. Секоја година, на годишнината од немирите ни се јавуваат новинари за да не прашаат дали сме и понатаму заедно. Заедно сме, живееме во Перт, патуваме по светот и од пред неколку месеци имаме ќерка“, раскажал Скот.