Концерти, изложби, кино, театарски претстави, 3Д-видеомапинг и уште многу други културни содржини ќе бидат дел од годинешната јубилејна 15. „Бела ноќ“ во Скопје. Настанот ќе се случува истовремено на 15 локации, а уметници, музичари и сите што се дел од „Бела ноќ“, на присутните ќе им понудат интересна културно-уметничка програма.
Како дел од годинешната програма, на платото пред Универзалната сала ќе се одржи концертот „50 години Скопски“, кој ќе почне во 20 часот. Драган Мијалковски, Славе Димитров, Верица Ристовска, Лидија Кочовска, Сашо Гигов, Ѓоко Таневски, Сара Мејс и „Ај кју“ во придружба на Биг бендот, ќе ги испеат најголемите хитови од Скопскиот фестивал.
Победниците на натпреварот во видеомапинг на Skopje Light Art District 2019, Французите Џереми Ури и Милош Лисински, својата визуелна уметност ќе ја отсликаат на фасадата на катната гаража „26 Јули“.
Во МКЦ, пак, како дел од 9. издание на фестивалот „НЕкултура“, посетителите ќе се забавуваат со британското електронско дуо Paranoid London и со домашните Pluto’s Doubt, Sethstat, Barum Barum и другите артисти и диџеи.
Во МНТ од 22 часот премиера ќе има претствата „Круг“, адаптирана според антологиското дело на Артур Шницлер (Reigen), а во режија на Наташа Поплавска. Во главните улоги настапуваат македонската актерка Дејана Попоска, која живее и работи во Париз, и италијанскиот актер Јакопо Гaрфањоли. Претставата е забранета за лица помлади од 18 години, а ќе се одигра на англиски јазик со превод на македонски.
Националната опера и балет ќе одбележи свој јубилеј, 70 години постоење, со делата „Кармен“ и „Валпургиска ноќ“.
Планирани се и многу други изложби, настани, претстави, концертни настапи во живо, ќе се одржат низ Скопје – КИЦ, Театар „Комедија“, Музејот на македонската борба, Галерија 8 во Старата чаршија, во паркот „Ибни Пајко“, „Мала станица“, градското кино „Милениум“, како и во Музејот на современата уметност.