Божикна ѕвезда – како да ја негувате за подолго да трае

Пред новогодишните празници убаво е да се купи божикно цвеќе. Како да го негувате?

Додека цвета, растението треба да го чувате во малку постудена просторија на температура од 12 до 14 Целзиусови степени затоа што во потопла просторија бргу ќе прецвета.

Растението го бара најсветлото место (на прозорецот), како и влажен воздух, а тоа се однесува на централното греење, каде што температурата е повисока. Кога ќе прецвета божикната ѕвезда, односно кога ќе ѝ отпадне цветот, растението можете да го префрлите во малку постудена просторија. Најпогодната температура е од 10 до 12 степени. Тогаш престанувате да го налевате, па растението ќе ги отфрли лисјата, што значи ќе настапи мирување.

Во април растението треба да се пресади во нова хранлива земја со 15 отсто чист речен песок.

Кога ќе го пресадувате цвеќето, добро е гранчињата да ги скратите на должина од 10-ина сантиметри. Местото каде што сте го исекле цвеќето запрашете го со дрвен јаглен или запечатете го со восок од запалена свеќа за да не истече млекото. Ако истече млекото од растението, тешко дека тоа повторно ќе цвета.

На пресаденото растение обезбедете му светлина и топло место, во близина на прозорец или ставете го на прозорецот, а на почетокот залевајте го внимателно. Кога ќе почне да пушта нови гранчиња, залевајте го обилно и тоа секогаш со млака вода.

Кон крајот на јуни можете да го изнесете надвор на сончево место.

Scroll to Top