Брат и сестра од Македонија меѓу 30 најуспешни според „Форбс“

Аријана и Бојан Коскарови од Македонија се најдоа на новата листа на „Форбс“ за Европа, во категоријата „30 најуспешни социјални претприемачи под 30 години“ за 2019 година. Тие влегоа во оваа категорија со нивниот модел на иновативно неформално образование Creative Hub.

Creative Hub е концепт на иновативен тренинг, каде предавачи се ескперти од одредена област, се работи според програми кои одговараат на потребите на пазарот, вклучени се визитинг предавачи, настани во текот на програмата и платена пракса за секој учесник. Аријана и Бојан во моментов го отвараат и својот втор хаб, во Тирана, Албанија.

Листата на „Форбс“ на успешни личности кои имаат под 30 години оваа година вклучува претставници од 34 европски земји во 10 категории. На листата се најдоа и актерот Даниел Редклиф, фудбалерот Антоан Гризман, и наследникот на компанијата „Луј Витон“, Антоан Арно.

Ова е втора година Македонија да се најде на оваа листа. Лани на оваа листа беа Нина Ангеловска од „Групер“ и Жарко Димитриоски како основач на маркетинг агенцијата „Еден на еден“.

Scroll to Top