Британка посвои 14 деца од Африка за да ги спаси од глад

Британката Лети Мекмастер пред осум години отишла во Танзанија како доброволец во хуманитарна организација. Нејзиниот план бил да остане само еден месец, но работите што ги видела во Африка ја натерале да ја промени својата одлука, па останала три години. Додека живеела таму, Лети посвоила 14 деца за да ги спаси од глад и да ги тргне од улица.

Лети решила да ги посвои децата кога видела како персоналот во домот за сираци каде што живееле се однесува со нив. Луѓето ги земале парите што децата ги добивале од донации, ги хранеле еднаш дневно, но и физички и психички ги повредувале.

Бидејќи таа сѐ уште била во Африка кога државата решила да го затвори домот за сираци, сфатила дека повеќето деца ќе останат на улица, па повела постапка за нивно посвојување. Првично ѝ припаднале девет деца, и девојчиња и момчиња, а потоа посвоила уште пет. Денес сите живеат во градот Тунбриџ Велс во округот Кент, југоисточна Англија.

„Некои од нив ме сметаат за мајка, други ме гледаат како постара сестра. Јас сум посветена на нивното воспитание, најдобро што можам и многу сум среќна што имам две семејства“, рекла Мекмастер за „Сан“.

Момчињата и девојчињата што ги посвоила денес тренираат фудбал, свират на музички инструменти и редовно одат на училиште. Освен што посвоила 14 деца, таа во меѓувреме отворила и прифатилиште, каде што децата од улица се хранат и добиваат нова облека од донации.

Scroll to Top