По бурните реакции во јавноста, од Општина Штип одлучија да го наградат младиот и талентиран математичар, осмооделенецот Дамјан Давков од основното училиште „Ванчо Прке“ поради остварениот најдобар резултат на натпревар по математика.
Дамјан ќе добие 15.000 денари и ќе стане почесен граѓанин затоа што постигна најдобар резултат на натпревар што бил организиран само за средношколци. Градоначалникот Сашко Николов за „Репортер.мк“ ни изјави дека Дамјан ќе добие еднократна помош и благодарница.
„Нашиот штипски Питагора ќе добие еднократна парична помош од Општина Штип во износ од 15.000 денари и ќе добие благодарница за афирмација на општината Штип“, ни рече Николов.
Вчера, јавноста бурно реагира на образложението издадено од Министерството за образование дека Дамјан нема да ја добие заслужената награда затоа што наптреварот бил организиран само за средношколци. Од МОН потоа објавија дека повторно ќе го преиспитаат случајот.
„МОН презема обврска за повторно да го преиспита целиот случај во врска со постапката за доделување парична награда за ученикот и наставникот ментор, но и постапката и начинот на кој е организиран самиот натпревар од страна на здружението на наставници, кое ја има акредитацијата за организирање на натпреварите по математика. Несомнено дека се работи за талентиран ученик, кој заедно со својот ментор вложил многу труд за постигнување на успехот на државниот натпревар на кој учествувале. Но, законската регулатива не дозволува тие да го остварат правото за кое аплицирале во МОН. Сепак, во соработка со локалната самоуправа во Штип, ученикот ќе биде поддржан со еднократна парична награда од 15 илјади денари и признание за почесен граѓанин на општината“, велат од Министерството.