Деветгодишно девојче студира на два факултета, има повисока интелигенција од Ајнштајн и сака да стане астронаут во НАСА

На деветгодишната Адара Перес од Мексико ѝ бил измерен коефициент на интелигенција 162, кој е повисок и од тој на Алберт Ајнштајн и Стивен Хокинг. За споредба, Ајнштајн и Хокинг имале IQ од 160. Перес завршила гимназија на осум години, а веќе има напишано и книга.

На три години ѝ бил дијагностициран аутизам. Поради тоа, често била жртва на врсничко насилство. Мајка ѝ раскажува како нејзините врсници често знаеле да ја заклучат во една куќичка во која таа си играла, а потоа да зборуваат неубави работи и да удираат по куќичката.

„Тогаш ми кажа дека повеќе не сака да оди во градинка, падна во депресија“, рече мајка ѝ Налели Санчес, која дополни дека ќерка ѝ покажала голем капацитет на четири години кога ѝ го направиле првиот тест на интелигенција.

Мајката ја одвела на терапија, а психијатарот им препорачал да го посетат Центарот за грижа за таленти, каде што се извршени разни тестови на интелигенција со резултат од 162.

Денес, деветгодишната Перес студира на два универзитета и сака да добие две дипломи од системско и индустриско инженерство. Ѝ било понудено место за студии по астрономија и на Универзитетот во Аризона.

Таа вели дека нејзиниот сон отсекогаш бил да го научи совршено англискиот јазик и еден ден да стане астронаут во НАСА.