Светски познатата компанија за производство на алкохолни пијалаци, „Џони вокер“ наскоро ќе го пушти во продажба вискито „Вајт вокер“ инспирирано од хит-серијата „Игра на тронови“ и популарните „вајт вокерс“ (живи мртовци). Двете компании, „Џони вокер“ и „ХБО“ засега ги држат во тајност деталите за новото виски. Во нивната најава стои дека заедничкиот производ е скоро готов и дека првите шишиња „Вајт вокер“ ќе почнат да се продаваат кон средината на оваа есен.
Компанијата „ХБО“, која ги има авторските права за „Игра на тронови“, претходно соработувала со пивницата „Омегенг“ за производство на лимитирана количина нискоалкохолно пиво и со винаријата „Винтиџ вајн естејтс“, кои, исто така, произведоа само една серија вино со ликовите од популарната серија.
Серијата „Игра на тронови“ е во пост-продукција. Последната, осма сезона, според најавите, ќе почне да се прикажува во 2019 година. Засега нема точен датум за премиерата на новата сезона, но од компанијата велат дека тоа нема да е пред април.