Дијамант од круната на Марија Антоанета продаден за 6,7 милиони долари

„Фарнс блу“, редок син дијамант кој во изминатите 300 година го поседуваа благороднички семејства во Европа, е продаден на аукција во Женева за 6,7 милиони долари. Скапоцениот камен има 6,1 карати и доаѓа од легендарниот рудник на дијаманти „Голконда“ во Индија.

Елизабет Фарнс, ќерката на војводата од Парма го добила дијамантот “Фарнс блу” во 1715 година кога се мажела за шпанскиот крал Филип Петти, пишува „Би-би-си“. Дијамантот потоа се пренесувал од колено на колено од Шпанија во Франција, Италија и Австрија.

Дијамантот е продаден за само четири минути откако беше понуден на аукција. Тој ја надмина проценетата цена од 3,5 милиони долари.

„Очекувавме добар резултат, но тргнавме од 3,5 милиони и завршивме на 6,7 милиони, така што ги надминавме нашите очекувања“, рекла Даниела Мачети, експерт на аукциската куќа „Сотесби“.

Според нејзините зборови, дијамантите како овој, кои се високо квалитетни и имаат историја, одлично поминуваат на аукциите. На сајтот на „Сотесби“ стои дека овој дијамант некогаш бил дел од тијарата на француската кралица Марија Антоанета.

Scroll to Top