Дубаи е најпопуларна дестинација за 2022, според „Трипадвајзор“

Светски познатиот веб-портал „Трипадвајзор“ (анг. Tripadvisor) го прогласи Дубаи за најпопуларна туристичка дестинација за 2022 година.

„Секогаш популарно место, Дубаи полека се издигнуваше на листата на ‘Трипадвајзор‘ во изминатите години и сега ја презеде круната на најпопуларна дестинација на светот. Дубаи е ултрамодерен град кој има сè: златни плажи, првокласна кујна и прекрасни хотели. И покрај пандемијата, Дубаи продолжи да привлекува посетители од цел свет во изминатата година и се издвојува како омилено место за оние кои бараат малку возбуда“, изјави Џастин Рид, директорот за медиуми, дестинации и патувања во „Трипадвајзор“.

Порталот го избра Дубаи врз основа на алгоритам што анализира милиони рецензии и оценки на хотели, ресторани и туристички атракции, собрани на сајтот за период од една година. Зад него се пласиираа Лондон (Велика Британија) и Канкун (Мексико), а во првите 10 се Бали (Индонезија), Крит (Грција), Рим (Италија), Кабо Сан Лукас (Мексико), Истанбул (Турција), Париз (Франција) и Хургада (Египет).

Scroll to Top