Двајца американски научници ја поделија Нобеловата награда во медицина

Американските научници Дејвид Јулиус и Ардем Патапутан се добитници на годинешната Нобелова награда за физиологија или медицина за откривање рецептори за температура и допир, објави денеска Комитетот за награда.

Нивното откритие објасни како топлината, студот и допирот можат да предизвикаат сигнали во нашиот нервен систем. Користејќи клетки чувствителни на притисок, Ардем открил нова класа сензори кои реагираат на механички дразби во кожата и внатрешните органи.

Јулиус користел капсаицин, соединение од чили пиперка што предизвикува пецкање, за да идентификува сензор во нервните завршетоци на кожата што реагира на топлина.

„Нивното откритие отклучи една од тајните на природата и ја објасни молекуларната основа за чувство на топлина, студ и механичка сила, што е основно за нашата спосбност да чувствуваме, интерпретираме и интерактивно да делуваме на нашето внатрешно и надворешно опкружување“, е наведено во соопштението.

Добитниците денес ги прогласи Томас Перлман, генералниот секретар на Нобеловиот комитет. Оваа награда доаѓа со златен медал и 10 милиони шведски круни, преку 1,14 милиони долари. Паричната награда ја основаше шведскиот пронаоѓач Алфред Нобел, кој починал во 1985 година.

За потсетување, минатата година оваа награда ја добија двајца американски и еден британски научник за откриениот вирус хепатитис Ц. Тогаш признанието го добија Британецот Мајкл Хотон и Американците Харви Алтер и Чарлс Рајс.

Scroll to Top