Принцот Хари има двојник кој живее во Хрватска. Дваесет и едногодишниот Роберт Бојаниќ потекнува од Пореч и како единствено црвенокосо момче на овие простори кое се занимава со манекенство го привлекува вниманието каде и да се појави. Неговите агенти велат дека тешко е човек да прошета покрај реката во неговото родно место, а да не го забележи ова маркантно момче.
Бојаниќ ги одбегнува социјалните мрежи и нема ниту еден профил. Бил регрутиран од Вања Рупер, поранешна мис од Хрватска. За него вели дека од мал бил принуден да се бори со разни предрасуди.
„Насекаде ме запираат. Постојано сум цел на минувачите, без разлика дали станува збор за трговски центар, во пекарница или меѓу патниците во трамвај или автобус“, вели Бојаниќ.
Бојаниќ, кој живее во Загреб, во моментот се одмора со свој близок пријател во родниот крај. Повеќето негови пријатели го препознаваат како хрватскиот принц Хари, прекар што му отворил голем број врати во светот на модата. Иако споредбата со членот на кралското семејство е олеснителна околност во неговиот живот, на Роберт не му е потребна дополнителна промоција. Уште на првото видување на модните агенти им било јасно дека станува збор за момче што поседува x-фактор.
Но, Бојаниќ вели дека не му било отсекогаш лесно да биде поинаков. Во тоа се уверил од мал.
„Од мојата осумгодишна возраст се занимавам со танцот. Имав безбројни настапи на лизгалишта, танчарски натпреварувања, а во училиште ми говореа дека треба да се занимавам со спорт, со фудбал, дека сум машко, а танцот е за девојчиња. Но, не ги послушав. Трпев понижувања осум години. Во тој период се занимавав со танц и тоа ми остана немил спомен од детството“, вели Бојаниќ.
Со преселбата во Загреб, Бојаниќ успеал да се спаси од негативните коментари и навреди. Бизнисот со моделство го однел дури и во Кина, од чие гостопримство бил воодушевен. Потенцијалот на ѕвезда и двојник на принцот Хари го препознала Рупер, а нејзината понуда за соработка Бојаниќ вели дека не можел да ја одбие.