Победникот на Евросонг од 2019 година, Данкан Лоренс, се сврши со својот партнер Џордан Гарфилд, со кого е во врска од почетокот на 2020 година. Холандскиот музичар и американскиот текстописец се свршиле викендов, а веста за свршувачката ја открија на Инстаграм.
„Те сакам Џордан Гарфилд“, напиша Лоренс на сликата на која носи бурма, а нивна заедничка слика објави и Џордан и рече дека е „најсреќниот човек на свет затоа што ќе се венча со добар, паметен, искрен, талентиран и убав маж“.
Инаку, Џордан е автор на најновата песна на Данкан, Last Night, која ќе се најде на неговиот прв албум Small Town Boy.
За потсетување, Данкан победи на Евросонг во Израел во 2019 година со песната Arcade, па годинава домаќин на музичкото шоу требаше да биде Холандија. Поради короната, Евровизија беше откажана и ќе се одржи догодина во Ротердам. На денот на финалето ЕБУ направи евровизиско шоу во кое беа вклучени избраните претставници од сите земји, а Данкан беше еден од водителите на шоуто.