(Фото) Со сателит снимени подземните бази на Ким Џонг-ун

Сателитски снимки откриле дека Северна Кореја има подземни крајбрежни бази, но и дека нивниот одбранбен систем има голема мана. Аналитичарот Џејкоб Богл ги анализираше снимките и утврди дека Пјонгјанг поседува подземни објекти.

Во ваквите објекти се ремонтираат или се дополнуваат со гориво воени бродови, но се лансираат и ракети. Се разбира, работите се одвиваат во тајност, под големи безбедносни мерки.

Базите, од кои едната се наоѓа на километар од приватната резиденција на Ким Џонг-ун, служи и за засолниште од непријателот. Сепак, Богл тврди дека базите имаат и една голема мана.

„Ким вложил големи суми на пари за да ги модернизира ваквите објекти, а ширум земјата може да се види колку напредувал морнаричкиот сектор. Но, не размислувале премногу за влезовите во базата. Доколку нив ги уништите, уништено е и тоа што се наоѓа внатре“, вели аналитичарот.

Како што вели тој, значењето на овие бази е огромно, ако дојде до воен конфликт, затоа што Северна Кореја планира да развива подморница која може да лансира нуклеарни проектили.

„За разлика од САД или Велика Британија, кои имаат неколку бази за подморници, но ниту една подземна, факт дека и Северна Кореја има вакви бази, ја менува ситуацијата кога станува збор за контранападите. Морате истовремено да ги нападнете сите овие бази за да ги исфрлите од употреба. Освен тоа, Северна Кореја планира да изгради и флота на подморници со нуклеарно оружје“, изјавил тој.

Засега не се знае точната големина на тунелите кои водат до тајните бази, но се чини дека поедини имаат по две пристани точки. Се претпоставува дека постои уште една база во Чанјон, место во близина на границата со Јужна Кореја, која повторно би можела да биде оперативна.

Претходно истата била затворена за време на заедничките операции на Северот и Југот, но откако двете земји повторно ги влошија односите, голема е веројатноста Ким повторно да ја врати во живот. За потсетување, оваа недела Северна Кореја ја разнесе и уништи меѓукорејската канцеларија за врска со својот пограничен град Каесонг.

Напнатоста меѓу двете држави расте, откако јужнокорејските активисти и дезертери од Северна Кореја, наводно испратиле околу 50.000 летки во комунистичката држава во кои се критикува лидерот Ким, за кршење на човековите права во таа изолирана комунистичка земја.

 

 

Scroll to Top