Франција е светски шампион

Репрезентацијата на Франција е светски шампион во фудбал. Французите во финалето на 21. Мундијал во Русија беа подобри од фудбалерите на Хрватска, победија со 4:2. Ова е втора титула на „петлите“, предводени од Дидие Дешамп, кои како домаќини во 1998 година го освоија првото светско злато.

Репрезентацијата на Франција поведе во 18. минута со автоголот на Марио Манџукиќ. Хрватите израмнија десет минути подоцна со голот на Иван Перишиќ. Французите поведоа вторпат во 38. минута, откако Антон Гризман го совлада Субашиќ од пенал. За само шест минути во второто полувреме Французите дадоа два гола за водство од 4:1. Прв погоди Пол Погба во 59. минута, па Килијан Мбапе во 65. минута. Манџукиќ го намали резултатот на 4:2 во 69. минута.

Финалето на Миндијалот во Русија го гледаа 77.000 гледачи на стадионот „Лужники“ во Москва. Меѓу нив беа и Мик Џегер од „Ролинг Стоунс“, Усеин Болт, Роналдињо, Паоло Малдини, Владимир Путин, Емануел Макрон и Колинда Грабар Китановиќ. Финалето ќе остане запаметено и по одличното шоу пред почетокот на натпреварот, кога настапија Вил Смит, Ера Истрефи и Ники Џем. Љубителите на фудбалот ќе го памтат како едно од финалињата со најјмногу голови, но и по пропустот на обезбедувањето, кога на теренот одеднаш влегоа три лица и го прекинаа мечот.

Следното Светско првенство ќе се одржи 2022 година во Катар.

Scroll to Top