Франција ќе исече 1.000 стари даба за да ја обнови кулата на катедралата Нотр Дам

Лани летото францускиот претседател Емануел Макрон рече дека 96 метри високата кула на катедралата Нотр Дам, што беше уништена во пожарот во април 2019, ќе биде обновена, по што почна потрага по дрвјата низ целата земја.

Од сите региони на Франција, илјада дабови дрвја, некои стари и неколку векови, ќе бидат исечени до крајот на месецот за потребите на реконструкцијата на високата кула, за да биде обновена според оригиналниот дизајн на Ежен Виолет-ле-Дук од 19 век.

Стеблата, чија вредност се проценува на по 15.000 евра, ќе се сушат година до година и пол, пред да бидат исечени во соодветен облик. Оригиналниот покрив на катедралата содржел толку многу дабови греди што се нарекувал „шума“.

„Ова се исклучителни стебла, совршено рамни и без внатрешни дефекти. Сега ќе направиме простор за нова генерација дабови дрвја, кои за 200 години ќе создадат шума каква што имаме денес“, изјави Ајмерик Албер, комерцијалниот директор на државната агенција за шуми.

Scroll to Top