Фризерка од Прилеп прави портерти од коса, го погоди и Игор Џамбазов

Светлана Зуљамоска-Гроздановска од Прилеп, по професија фризерка и шминкерка, веќе неколку години изработува портрети од коса. Ги прави навечер, кога ќе ѝ заврши работното време, а следното утро ги растура пред да дојдат првите муштерии. Таа најпрво правела измислени ликови, а денеска тоа се вистински личности, меѓу кои и Кире Лазаров, Бора Ѓорѓевиќ, Новак Ѓоковиќ и Мајкл Џексон. Гледа во нивните слики, па со косата што останува на земјата откако ќе ги потстриже муштериите во салонот, го прави ликот.

„Многу е лесно да дојдете на идеја да направите нешто уникатно ако го сакате тоа што го работите. Јас се инспирирав од сопствената работа, што ја обожавам и ми е секојдневие. Најпрво дојдов на идеја да изработувам ликови од коса, а денес сликам и со шминки, цртам познати и непознати ликови на моите раце“, раскажа таа за „Репортер“.

Кире Лазаров

Светлана вели дека ликовите ги прави од потстрижената коса на муштериите, а со истата коса ги прави и сенките за да се долови вистинскиот лик. Иако на крајот на работниот ден коса има во изобилие, користи многу малку за да го изработи портретот.

„Портретите ги изработувам откако ќе ми заврши работното време, кога е мирно за да можам да се концентрирам. Потребни ми се 3 до 4 часа да изработам еден лик, а откако ќе ги направам, следното утро ги растурам пред да дојдат муштериите. Затоа малкумина ги гледаат во живо, само преку Фејсбук и Инстаграм“, ни рече таа.

Светлана со портретот на Бора Ѓорѓевиќ

Сите ликови од коса Светлана ги објавува на социјалните мрежи, а реакциите на луѓето се позитивни, полни со воодушевување од нејзината креативност.

„Ја сакам уметноста, уживам во секој предизвик што ми го нуди, во убавите нешта. Ова што го правам е забавно, па затоа и го правам без да размислувам за заработка“, вели таа.

Андријана Јовановска

Scroll to Top