Фудбалските репрезентативци ќе добијат по 10.000 евра награда од државата за пласман на Европското првенство во 2021.
Ова вчера беше одлучено на седницата на Владата, а премиерот Зоран Заев одлуката ја објави на „Фејсбук“.
По победата над Грузија од 1:0 во финалето на Лигата на нациите, Македонија првпат во својата историја избори пласман на Европско првенство.
Игор Ангеловски и неговите фудбалери ќе играат во група со репрезентациите на Холандија, Австрија и Украина.
Првите два натпревара на 13 и 17 јуни нашата репрезентација ќе ги игра во Букурешт, Романија, а на 21 јуни против Холандија во Амстердам.
Европското првенство требаше да се одржи во јуни и јули оваа година, но поради пандемијата на коронавирусот, беше одложено за 2021.