(Галерија) Божиќните базари во магичната Виена

Веќе од 15. ноември, во повеќето европски градови започнува божиќната магија претставена преку божиќните базари.  Божиќниот маркет во Виена …

Виена во ова време од годината се претвора во буквално магичен град, осветлен со преку два милиони сијалички. Божиќните маркети во престолнината на Австрија датираат од 13. век.

Фантастичните украси, вкусна храна и напитоци, привлекуваат повеќе милиони посетители годишно во ова време од годината. Најголемиот базар е пред Градското собрание, односно кај „City Hall Square“, каде се собиераат секоја година повеќе од три милиони посетители.

Покрај овој најголем базар, градот има уште неколку вакви, на различни локации од градот, а секој од базарите е посебен по нешто. Вљубените двојки уживаат во базарот на плоштадот „Ратхаусплатц“, како и во „Advent Magic“ во паркот „Ратхаус“, каде се наоѓа и „Little Heart Tree“, дрвото под кое мора да си разменат бакнеж.

Романтичен е и божиќниот саем на Шпителберг, а посебно ќе им одговара на оние кои уживаат во топли напитоци и кулинарски специјалитети, бидејќи изборот е навистина огромен.

Уште еден базар има кај палатата „Шонбрун“ кој изобилува со сувенири од времето на Марија Терезија и царицата Сиси.

Базарот на плоштадот пред црквата „Свети Карл“ (Karlsplatz) во фокусот ги става рачните изработки, а ако сакате да купите подароци тогаш упатете се на базарот „Алтвинер“ (Altwiener Christkindlmarkt) на Фрејунг, каде ќе се изгубите во магијата на огромен број дрвени куќички со фантастични подароци.

Доколку пак сакате да пробате вкусно греано вино, тогаш вашиот избор нека биде базарот „Ам Хоф“ (Am Hof).

 

Освен базарите, во Виена во ова време од годината се поставени и т.н. „божиќни села“, а најомилените на голем број посетители се пред палатата „Белведере“ на плоштадот „Марија Терезија“. Тука можете да се возите со туристички возови, да пробате превкусни бомбици со рум, пунч од јаболка, вафли, крофни, овошје прелиено со чоколадо или фантастични печени компири…

Повеќето саеми работат од 15 ноември до 23. декември, па граѓаните на овој град и посетителите уживаат повеќе од еден месец во оваа неверојатна магија.

Scroll to Top