Германски пензионер едвај врзува крај со крај, излегување на кафе му е луксуз

Германецот Ханс Рудолф (77) вели дека со неговата пензија од 335 евра, едвај врзува крај со крај во животот. За него и неговата сопруга претставува луксуз да излезат во кафич и да се напијат кафе и да изедат колач. Додека бил млади работел, не помислувал дека еден ден излегувањето ќе му претставува трошок, кој нема да може да си го дозволи.

„Понекогаш порано ќе излезев и ќе се напиев кафе и ќе изедев колач. Тоа ми недостасува“, вели Рудолф.

Рудолф живее со неговата сопруга во стан во Бон. Двајцата за разлика од повеќето пензионери во Германија имаат ниски примања и со пензиите можат само да ги покријат основните потреби. Парите најмногу ги трошат за храна, сметки и осигурување.

„Мојата сопруга направи операција на главата и повеќе не јаде како порано. И јас имав неколку операции и сега исто така помалку јадам. Така успеваме да врземе крај со крај“, вели Ханс.

Пензијата на Ханс е околу третина од она што во Германија важи како граница на сиромаштија. Тој вели дека работел целиот живот. Првата работа му била во банка. Подоцна работел како таксист и домар. Кога на 65 години се пензионирал, испратил барање за социјана помош, таканаречено основно осигурување.

Тоа се давачки со кои германската држава ја покрива разликата меѓу реалниот износ на пензијата и законски одредениот минимален износ на социјална помош. Овој минимален износ стои на располагање за секој граѓанин на Германија, без разлика дали и колку уплатувал во германскиот социјален систем.

Од тогаш Центарот за социјална работа му плаќа на Ханс двособен стан за него и неговата сопруга. Со тоа, двајцата добиваат и 300 евра за плаќање на сметките, пред сè за струја и греење.

Оваа брачна двојка не се единствените Германци кои се соочуваат со ваквата ситуација. Според податоците на Германскиот институт за истражување на економијата DIW, има речиси 17% од пензионерите кои некогаш работеле како државни службеници кои се сиромашно загрозени. Во студијата објавена во средината на оваа година, авторите проценуваат дека во следните 20 години нивната бројка би можела да се зголеми на 21,6%.

За да се избегне тоа, претставниците на големата коалиција во Германија (демохристијанската Унија CDU/CSU и социјалдемократите, SPD) се договориле да воведат таканаречена основна пензија во земјата.

Основната идеја е секој кој најмалку 35 години редовно уплатувал законски пропишани доприноси, би требало од 2021 година, да добива пензија која е барем десет проценти од износот на основното осигурување. без разлика колкав бил износот на неговото пензиско осигурување.

Проектот „основна пензија“ е наменет за луѓето како што се Ханс Рудолф, кој работеле целиот свој живот. Сегашната голема коалиција, е трета влада која се занимава со ова прашање, но до реализацијата никогаш не дошло, затоа што секогаш се појавувала некоја разлика меѓу коалиционите партнери.

Сега е најдено компромисно решение. Приходите ќе се проверуваат, но во таа проверка нема да биде вклучен имотот со кој личноста располага и нема да се земе во предвид финансиската ситуација на целокупното домаќинство. Ханс Рудолф вели дека на него му е сеедно дали проверката ќе се врши или не. Тој веќе и сега на надлежните служби, мора да им ја даде на увид неговата финансиска состојба, за да го добие осигурувањето.

На него најважно му е да му останат пари за да ги подмири основните трошоци. Но, вели дека подобро би му било, кога не би морал да оди во Центарот за социјална работа.

„Мене не ми е срам што ќе го добијам основното осигурување, но сепак непријатно ми е кога ќе кажам дека добивам социјална помош“, вели Ханс.

Тој понекогаш мора да се обрати на хуманитарна организација, кога ќе му треба облека или нешто за во домаќинството. Нешто што од своите примања не може да си го дозволи.

Ханс вели дека најважно му е тој и неговата сопруга да не живеат изолирани од светот. Имаат деца, внуци и правнуци кои често ги посетуваат. Но, сепак ќе бидат радосни ако од основните пензии, кои би требало да бидат воведени од 2021 година, им остане нешто повеќе пари да ги потрошат за себе.

„Би бил среќен кога со сопругата би можел да си дозволам да излезам во град. Веќе долго време не сме биле таму“, вели Ханс Рудолф.

Scroll to Top