Глумци, режисери, продуценти на прославата за успешна година за македонскиот филм

Македонската кинематографија ќе ја испрати 2019 година како исклучително успешна година во која инспиративните македонски филмови го освоија светот. Затоа, под името „Во наша режија“, Агенцијата за филм на Република Северна Македонија заедно со Креативна Европа МЕДИА Деск МК и Друштвото на филмските работници, организираа годишен настан. Пред бројните режисери, продуценти, филмски работници, актери и други гости, директорот на Агенцијата, Горјан Тозија, истакна дека оваа година е навистина многу ретка по огромниот филмски бум што го создадоа и креираа нашите филмски мајстори, дури и за земји со многу поголеми буџети.

Во прилог на овој факт, сведочат и бројките од премиери на 29 филмови, учество на над 200 фестивали и добиени над 60 награди. Само македонскиот кандидат за Оскар, „Медена земја“ ги собра аплаузите на три континента. Притоа овој магичен филм, кој рапидно го зголемува бројот на свои фанови, се закити со голем број на престижни награди од реномирани филмски фестивали, како што се Санденс, Интернационалниот фестивал во Сао Паоло, и многу други.

Со наградата „Лукс“, Европскиот парламент му оддаде почит на македонскиот филм „Господ постои, името и е Петрунија“. Тука е и најновиот филм на Милчо Манчевски „Врба“,кој беше прикажан на етаблираниот филмски фестивал во Рим. Потоа, „Извидник“ на Алекс Цветков, „Незаборавна пролет во заборавено село“ на Куртим Бектеши, и други, кои имаа свои проекции на важни филмски фестивали.

На настанот, Агенцијата за филм првпат ја промовира и публикацијата за постигнатите резултати, настани и активности за измината година, „Факти и бројки“. Со пораката „За уште предизвици и огромен успех на македонскиот филм во 2020! Продолжуваме!“ од Агенцијата велат дека со голема возбуда ги чекаат новите подвизи на македонската кинематографија.

Инаку, настанот „Во наша режија“ беше со хуманитарен карактер за иницијативата „Топол дом за сите“. Собраните финасиски средства ќе бидат донирани за реновирање на живеалиштата за деца што живеат во тешки услови.

Scroll to Top