Градот Нордлинген во германската сојузна држава Баварија е формиран врз тло богато со дијаманти кои потекнуваат од пред 15 милиони години кога астероид ја погодил Земјата, пишуваат германските медиуми. Геолозите проценуваат дека ширината на астероидот била илјада метри, исто колку и денешниот град, а неговата тежина се проценува на околу три милијарди тони. Силниот удар ги зголемил температурата и притисокот доволно за да создаде мешавина од стакло, кристал и дијаманти или суевит. Се проценува дека под градот има околу 72 илјади тони дијаманти.
Кога првите жители на Нордлинген почнале да градат, тие не знаеле дека градат куќи на скапоцено тло. Со години верувале дека кратерот е настанат од вулкан. Дури во шеесеттите години на минатиот век било откриено дека кратерот настанал од удар на астероид. Суевитот што го користеле како градежен материјал во себе содржел ситни дијаманти, па многу градби во Нордлинген денес се многу повредни отколку што изгледаат.
Според „Дојче веле“, денешните жители на градот знаат дека живеат врз илјадници тони дијаманти, но не сакаат да го уништат градот за да се збогатат. Сепак, туристи од целиот свет одат во Нордлинген за да го истражат градот и да го посетат музејот „Рис Кратер“ во кој се изложени примероци од кратерот.