Градоначалникот на Венеција ги повика туристите да се вратат во градот

Градоначалникот на Венеција, Луиџи Бруњаро, денес ги повика туристите да се вратат во градот веднаш штом ќе се укинат ограничувањата заради коронавирусот.

„На секој што има можност да патува во наредните месеци, велам: Дојдете во Венеција! Ќе му помогнете на светот да даде знак за обновување, чиј почеток ќе биде убавината и културата“, напиша градоначалникот на Венеција на „Твитер“.

Градот зависи од туризмот, но тој замре како резултат на мерките за карантин што беа воведени во Италија. Венеција се соочуваше со сериозни проблеми и пред пандемијата, бидејќи лани во ноември имаше големи попави, па многу туристи ја откажаа својата посета на градот.

Во моментот, Италија е затворена за туристи од странство и само луѓе кои мора да дојдат заради работа, можат да влезат во земјата. За сега не се знае кога ограничувањата за патувања ќе бидат повлечени.

Scroll to Top