Ѓубреџии во Анкара отворија јавна библиотека од книги пронајдени на отпад. Библиотеката, која се наоѓа во областа Чанкаја, е направена откако ѓубреџиите почнале да ги собираат фрлените книги. Библиотеката се наоѓа во поранешна зграда на фабрика за цигли во седиштето на одделот за комунална хигиена.
„Требаше да завршат на отпад, а ние им подаривме нов живот“, рекол за турските медиуми Емирали Утрекин, управник на библиотеката.
Првично, книгите биле наменети само за вработените и нивните семејства. Но, како што се зголемувале колекцијата и интересот на граѓаните, почнале да добиваат книги и како донации, па библиотеката лани во септември беше отворена и за јавноста. Денес библиотеката има над 6.000 книги од разни жанрови, а има и детски оддел со стрипови и дел за научни истражувања. Во неа може да се најдат и книги на англиски и на француски јазик. Колекцијата толку се зголемила што денес книги од неа позајмуваат и училишта, образовни програми, па дури и затворите.
Сите книги се изнајмуваат бесплатно, најдолго на две недели, но тој рок може да се продолжи ако е потребно.
Ново е тоа што се планира и подвижна библиотека, со која ѓубреџиите на секои 15 дена ќе ги посетуваат училиштата. Досега им се јавиле голем број деца чии училишта немаат бибилиотека или каде што изборот на книги е мал.