Импресивен вулкан што еруптира на секои 15 минути е уште едно чудо на природата

Да се планинари во близина на активен вулкан можеби и не е некој идеален одмор, ама за многумина очигледно вреди да се ризикува. Вулканот Фуего во Гватемала е најактивниот вулкан во Средна Америка. Тој привлекува илјадници туристи годишно. Со цел да можат да ги видат одблизу неговите ерупции, туристите мораат да се искачат на соседниот врв Акатенанго, кој е неактивен вулкан.

Екскурзијата до вулканот започнува од градот Антигва, кој го краси барокна архитектура и е дел од листата на светското наследство на УНЕСКО. Пред пандемијата, градот привлекувал два милиони туристи годишно. Сепак, се очекува нов прилив на туристи со оглед на значителното намалување на мерките.

Според туристичките водичи, вулканот дневно го посетуваат околу 300-400 луѓе. Вулканот Акатенанго се наоѓа на речиси четири илјади метри надморска височина, а за искачување од почетната точка потребни се околу пет часа. Вулканот Фуего е постојано активен и на секои 15-20 минути испушта чад.

Вулканот е далеку од безбеден со оглед на тоа дека неговата ерупција во 2018 година го избришала селото Сан Мигел Лос Лотес од лицето на Земјата, при што загинале 159 луѓе, а биле повредени повеќе од 300 луѓе.

 

Scroll to Top