Индиецот Чаитанја Беинсал ја напуштил сопругата откако третпат родила девојче, пренесува „Спутник“. Тој ја оставил уште додека била во болница. Тој чекал пред породилната сала во една локална болница, каде што неговата сопруга требало да го роди нивното трето дете.
„Неговата возбуда набргу се претвори во разочарување кога медицинските сестри му кажаа дека има ќерка“, вели Хрушикеш Мишра, член на Комитетот за развој на болниците во Дарамхар, Одиша.
Набргу потоа Беинсал ги напуштил сопругата и бебето. Жената морала сама да замине од болница кога видела дека нема никој од нејзиното семејство за да ѝ помогне. Таа пеш се вратила дома. Сопругот, пак, ѝ забранил да влезе во куќата со новороденчето, трето девојче во семејството. Таа била принудена да ја помине ноќта пред куќата со своето бебе.
Дури кога медиумите и луѓето од соседните села се собрале пред куќата следниот ден, таткото ги пуштил внатре жената и ќерката.
Во повеќето делови на Индија жените се соочуваат со притисок да раѓаат машко дете поради претпочитањето синови и поради финансискиот товар за одгледување девојче. Иако селективните абортуси врз основа на полот се нелегални во Индија, женските фетуси сè уште се убиваат или по раѓањето ги напуштаат.
Според пописот во 2011 година, за секои 1.000 мажи во Индија има 943 жени. Соодносот на полови ја принуди владата да почне кампања „Зачувај ги ќерките, едуцирајте ги ќерките“.
Над 12 милиони женски фетуси се абортирани во Индија, покажува студијата на медицинскиот журнал „Лансет“, и најмалку 2.000 девојчиња се убиени секој ден во земјата, според министерот за жени и развој на деца.