Инстаграм-ѕвезда преку ноќ изгуби 70.000 следбеници

Инстаграм-ѕвездата Софи Греј, која со години на нејзиниот профил објавуваше слики во спортски градници, снимки од тренинзи и рецепти, преку ноќ загуби 70.000 следбеници. Причината за ова е што наместо слики и видеа во кои изгледа беспрекорно, таа почна да објавува слики без шминка и покажа како изгледа нејзиниот живот навистина.

„Бев девојка што споделуваше селфиња во бикини и ви велев дека морате да вежбате! Споделував снимки од тешките тренинзи и ве охрабрував да се придружите! Глумејќи ја таа девојка, собрав 420.000 луѓе. Добивав илјадници очајнички пораки од жени кои се нарекуваа мрзливи, бескорисни, одвратни само затоа што не се вклопиле во таа фитнес-рутина или план за исхрана. Поради тие пораки, решив да престанам да бидам таа девојка“, вели Софи во една од последните објави.

„Дали некогаш се извинувате само затоа што постоите? Додека денес се подготвував за работа, одлучив да не се шминкам, да ја одморам кожата. Додека одев кон работното место, си го видов лицето во ретровизорот. Мозокот ми го преплавија нешта кои ќе ми ги кажат моите колеги кога ќе ме видат. Започнав да смислувам извинување и објаснување зошто сум дошла ненашминкана. Потоа пукнав. Завршив со извинувањето затоа што се прикажувам таква каква што сум. Готово е со извинувањето затоа што не се појавувам онака како што очекуваат од мене да се
појавам. Завршив со извинувањето за несовршеностите кои се совршено нормални. Завршив со идејата како треба и како не треба да се прикажуваме пред другите. Кога вие последен пат сте отишле на работа без шминка, со лице полно со акни? Па дури и ако сте го направиле тоа, дали сте помислиле дека некој ве гледа чудно? Кога ќе успеете навистина да дојдете до фазата „не ги забележувам“, дури тогаш полека нештата ќе почнат да се менуваат за сите нас“ вели Софи.

Таа притоа додала дека нејзината објава не е повик за компаниите да ѝ продаваат средства за нега на кожата, туку нормално размислување на една обична девојка.

Scroll to Top