Научниците минатиот месец откриле мал остров во близина на брегот на Гренланд за кој велат дека сега е најсеверната копнена точка на светот. Тие го откриле островот откако се поместиле сантите мраз.
„Не ни беше намерата да откриеме нов остров. Отидовме таму за примероци“, изјави за „Ројтерс“ Мортен Раш, истражувач и шеф на истражувачкиот објект на Арктичката станица во Гренланд.
Научниците првично мислеле дека пристигнале во Оодаак, остров откриен во 1978 година од дански истражувачки тим. Дури подоцна, проверувајќи ја точната локација, сфатиле дека наишле на друг остров, кој се наоѓа 780 метри северозападно.
„Се чувствувавме малку како истражувачите од минатото, кои мислеле дека пристигнале на едно место, а всушност се нашле сосема друго место“, изјави швајцарската претприемачка Кристиане Лејстер, која ја финансирала експедицијата.
Малиот остров, со дијаметар од околу 30 метри, чиј највисок врв е околу три метри, се состои од кал од морското дно, како и материјал депониран директно од глечерите кои постојано се движат.
Членовите на истражувачкиот тим велат дека ќе го предложат името Qeqertaq Avannarleq за новооткриениот остров, што на Гренландски значи „најсеверниот остров“.
Во истата област, најсеверниот остров во светот го барале неколку американски експедиции во последните децении. Во 2007 година, истражувачот на Арктикот, Денис Шмит, открил сличен остров во близина.
Иако биле изложени на движења на глечерите, научниците велат дека моменталниот изглед на островот не е директен резултат на глобалното затоплување што го намалило ледениот слој на Гренланд.
Рене Форсберг, професор и шеф за геодинамика на Данскиот национален вселенски институт, кој бил дел од експедицијата што го открила Оодаак во 1978 година, рече дека копното ги исполнува сите критериуми за да се нарече остров. Тој потврди дека во моментов тоа е најсеверната копнена точка на светот.