Јапонската принцеза Мако се венча со колегата од факултет поради кој се откажа од царскиот статус и милион долари

By

Јапонската принцеза Мако се венча со Кеи Комуро, своето момче од факултет, и го загуби царскиот статус. Принцезата ги откажа традиционалните обичаи за царска венчавка и се откажа од еднократната исплата од 1,23 милион долари, што им се нуди на женските членови ако го напуштат семејството.

dobivaj vesti na viber

Двојката ќе продолжи да живее во САД, каде што Комуро работи како адвокат, поради што од медиумите го добија прекарот „јапонските Хари и Меган“. Мако, го зеде презимето на својот сопруг, и се извини за сите проблеми што ги предизвикала со својата венчавка.

„За мене, Кеи е незаменлив и бракот беше неопходен избор за нас“, кажа Мако на прес-конференцијата на која откри детали за својата свадба.

Мако е првата членка на царското семејство од Втората светска војна која се откажа од милионската исплата. Според јапонските закони, женските членови на царското семејство го губат својот статус ако се венчаат со обичен граѓанин за разлика од машките членови.

Триесетгодишната внука на тогашниот цар Акихито и Комуро, кои заедно студираа на Меѓународниот христијански универзитет во Токио, се свршија во септември 2017, а венчавката беше стопирана поради финансиски спор на мајката на Комуро. Контроверзиите околу нивниот брак почнаа кога јапонски таблоид објави дека таа му должи 35.000 долари на нејзиниот поранешен свршеник, за кои Комуро тврдеше дека ги добиле како подарок, а не како заем.

 

Ќе ви се допадне