Јужноафриканка го навлече гневот на организациите за заштита на животните, откако се пофали дека убила жирафа

Мерелиз Ван Дер Мерв, 32-годишна Јужноафриканка, деновиве објави на социјалните мрежи фотографии на кои таа позира со мртва жирафа, која ја застрелала за време на лов. Таа вели дека ловот ѝ го платил нејзиниот сопруг, како подарок за Денот на заљубените.

Нејзиното позирање со мртвото животно предизвика бурни реакции на социјалните мрежи, особено фотографиите на кои Мерв се сликала со срцето на мртвата жирафа.

„Дали некогаш сте се прашале колку е големо срцето на жирафата? Апсолутно сум воодушевена од својот голем подарок за Денот на заљубените“, напишала таа на објавените фотографии.

Борците за права на животните ја нарекле мафија. Мерв им одговорила на коментарите на активистите за заштита на животните, објаснувајќи дека ловот помага во зачувувањето на дивите животни во Јужна Африка.

Таа објаснила дека со ловот се засилува нивната генетика и се спречува нивното изумирање. Дека создава нови работни места и придонесува за туристичката индустрија.

Во изјава за британски „Мирор“, организациите за заштита на животните ја нарекоа мафија, која нема почит.

Ван Дер Мерв, која води фарма во Јужна Африка, тврди дека смртта на жирафата, 17-годишен мажјак, создава можност за нов мажјак да го преземе стадото и да овозможи нова силна генетика.

Таа раскажала како со сопругот на почетокот имала намера Денот на вљубените да го помине во некое одморалиште, но плановите ги промениле, откако таа изразила желба да замине на лов на жирафи. Нејзиниот сопруг ѝ ја исполнил желбата и платил 1.500 фунти.

„Со години го чекав мојот совршен мажјак на жирафа. Колку е постар, толку кожата му е потемна. Ја обожавам кожата на жирафите и фактот дека тоа е култно животно во Африка“, изјавила таа.

„Без лов, дивите животни би станале безвредни и ќе изумрат“, додала таа.

Од кожата на жирафата, Мерв планира да направи простирка, а изјавила дека нејзиниот лов обезбедил работа за 11 луѓе и осигурал месо за локалното население. Според неа, забраната за лов на дивите животни ќе предизвика тие да станат безвредни и ќе изумрат.

„Ловот би можел да помогне некои од видовите да се вратат од работ на изумрување“, вели таа.

Со неа не се согласуваат активистите од организацијата Born Free за борба против трофејниот лов на диви животни. Тие ги отфрлаат тврдењата на заговорниците за лов на трофеи дека на тој начин се поддржуваат и зачувуваат животните и локалните заедници.

„Ловот на трофеи е враќање во колонијалното минато, а стрелањето на одредени животни ги нарушува животинските заедници и има негативни ефекти врз нивната популација и целиот екосистем“, изјавил Борн Фри.

 

 

Scroll to Top