Лекции што ги научивме од филмот „П.С. Те сакам“

Пред повеќе од 10 години, жените ширум светот плачеа на љубовните сцени од филмот „П.С. Те сакам“. Во филмот главните улоги ги играа Џерард Батлер и Хилари Свонк, а ја раскажаа приказната за Холи и Џери, чиј среќен брак прекинува заради неговата смрт. Но, Џери на својата сопруга пред смртта ѝ напишал 10 писма за да ѝ ја ублажи болката и да ѝ помогне да започне нов живот. Филмот, пак, ги научи жените пет важни животни лекции.

Тие што сакале секогаш страдаат по загубата

Кога ќе изгубиме некого кого сме го сакале, тагата е неизбежна и таа претставува најприродниот одговор на загубата. Немојте да бегате од тагата затоа што за понатамошниот живот битно е да го изжалите некого кој бил дел од вашето секојдневие.

Најдобрите пријатели се секогаш тука за вас

Во своето тешко животно поглавје, главната хероина во филмот, Холи, имаше поддршка од своите пријателки, а за тоа колку е важно и добро низ животот да поминувате со вистинските луѓе крај себе не е ни потребно да се пишува. Вистинските луѓе се тука понекогаш да ви го кажат тоа што сакате да го слушнете, но и некои работи кои треба да ги слушнете. Холи покрај себе имаше токму такви пријателки, искрени и цврсти, без кои не би можела да помине низ сè што ја дочека по смртта на сопругот.

Кога ќе изгубиме некого, секогаш ни остануваат спомените

Кога нашите сакани заминуваат, тие зад себе оставаат трага и засекогаш се дел од нашиот живот токму поради спомените. Тоа се фотографии, снимки, предмети и места кои ги поврзуваме со нашите сакани, а можеби и најубавиот дел – сеќавање на сè што заедно сме поминале низ нашите животи.

„Памти ги нашите прекрасни спомени, но те молам, немој да се плашиш да создадеш уште подобри“, ѝ порача Џери на својата сопруга.

Мајките знаат најдобро

Ликот на мајката на Холи, Патриша, која ја глуми Кети Бејтс, во овој филм понекогаш е напорен циник, но нејзините реалистички погледи кон животот се многу важни за целата приказна. Патриша покажа дека, без разлика дали го одобруваат нашиот избор или не, родителите секогаш ќе бидат покрај нас. Иако не се сложуваше со многу одлуки кои ги донела нејзината ќерка во текот на нејзиниот живот, Патриша беше со Холи кога тагата стана преголема. Затоа што никогаш не сме доволно стари да плачеме пред нашите мајки, а иако последната работа која мајките би сакале е нивното дете да тагува, сепак тие секогаш ќе бидат тука доколку тагата се појави.

Животот продолжува

Тагата е добра, тагата е природна, мора да се тагува, но во некој момент, за наше добро, мораме да продолжиме да „туркаме“ низ животот, кој, навистина, има свои помалку убави моменти, но на крајот, тој живот е една убава работа и секогаш постои начин како да тргнете напред. Кога мислите дека тагата нема да отиде, кога мислите дека не можете понатаму, сетете се на сите оние добри луѓе кои и понатаму се со вас и поради кои се исплати да продолжите понатаму.

Scroll to Top