„Луј Витон“ го купи „Тифани“ за 16 милијарди долари

Најголемата светска компанија за луксузни добра „ЛВМХ“ е нов сопственик на компанијата за накит „Тифани“. Сопствениците на „Луј Витон“ платија 16,2 милијарди долари за познатиот американски бренд.

По купопроодажбата, француската компанија објави дека ќе го трансформира својот оддел за часовници и накит, што ги вклучува брендовите како „Булгари“ и „Таг Хојер“, ама и дека ќе го зголеми присуството во САД. „Тифани“ е последниот додаток кон 75-те брендови што ги има групацијата, а дел од нив се и „Луј Витон“, „Живанши“, „Фенди“, „Кристијан Диор“ и „Кензо“, но и најпознатите производители на шампањ „Дом Перињон“ и „Моет“.

„Тифани“ е основана во 1837 година, кога Чарлс Луис Тифани ја отворил првата продавница во Менхетн. Денес, „Тифани“ има повеќе од 14.000 вработени и 300 бутици. Таа е најпозната по свршувачки прстени, чии цени се движат од 1.425 до 43.400 фунти, како и по ѓерданите од бели дијаманти. Лани компанијата остварила продажби во вредност од 4,4 милијарди долари.

Ова е најголемата купопродажба на „ЛВМХ“ во 32-те години што со компанијата раководи Бернар Арно, најбогатиот човек во Европа. Според податоците на „Форбс“ од ноември, неговото богатство изнесува 106,6 милијарди долари. Тој е и најбогатиот човек во модниот свет, откако од врвот го симна сопственикот на „Зара“, Амансио Ортега.

Scroll to Top