Лука Модриќ избран за најдобар фудбалер за 2018 година

Лука Модриќ очекувано е избран за најдобар фудбалер во изборот на ФИФА, комплетирајќи ја неверојатната година во која со Реал Мадрид стигна до третата титула во низа во Лигата на шампионите, а ги предводеше и Хрватска до историското сребро на СП во Русија, каде што ја доби „златната топка“ како најдобар фудбалер на турнирот.

Модриќ ги совлада својот поранешен клупски колега Кристијано Роналдо (кој не беше присутен на изборот во Лондон), како и Мохамед Салах, египетскиот „фараон“ на фудбалот, кој како „утешна“ награда си замина дома со „Пушкаш“ наградата за најдобар гол во сезоната.

„Вистинска чест и прекрасно чувство е да се стои тука со овој неверојатен трофеј. Прво сакам да им честитам на Мохамед и Кристијано и сигурен сум дека повторно ќе се борат за овој трофеј. Наградата не е само моја, туку и на моите соиграчи од Реал Мадрид и хрватската репрезентација.

Без моите тренери немаше да го освојам ова, без моето семејство немаше да бидам фудбалерот кој сум денеска. Би сакал да го споменам мојот фудбалски идол и капитенот на тимот од 1998 година, Звонимир Бобан, кој секогаш ми е инспирација. Оваа награда покажува дека можеш на врвот со напорна работа и посветеност. Соништата се остваруваат“, изјави Модриќ.

Scroll to Top