Лука Модриќ ја освои „Златната топка“

Годината 2018 дефинитивно е во знакот на Лука Модриќ. Капитенот на хрватската репрезентација и плејмејкер на Реал Мадрид по освојувањето на наградата за најдобар фудбалер на СП во Русија, по наградата на УЕФА за фудбалер на годината, конечно, го крена и најелитниот индивидуален трофеј во светот на фудбалот, „Златната топка“ на
„Франс фудбал“.

„Ова е чувство кое не се опишува. Среќен сум, горд и почестен. Емоциите кои ги имам сега се тешки за опишување, но прво морам да се заблагодарам на сите кои ми помогнаа да бидам тука денеска. Во прв план моите соиграчи и тренери во Реал Мадрид и во хрватската репрезентација. На тие кои гласаа за мене, на моето семејство, сопругата и
децата кои ме исполнуваат како личност. Како дете сонував дека еден ден ќе играм за голем клуб и ќе освојувам трофеи. ’Балон д’ор’ беше повеќе од сон за мене, така што сум почестен што сум тука вечерва“, изјави Модриќ откако ја доби наградата од француската фудбалска легенда Давид Жинола.

Модриќ со оваа награда исто така става крај на деценијата владеење на Кристијано Роналдо и Лионел Меси, кои по пет пати беа прогласувани за најдобри фудбалери во последните 10 години. Роналдо и Меси, не покажаа доволно доблест да бидат присутни на крунисувањето на Хрватот, решавајќи да ја пропуштат спектакуларната церемонија во Париз.

Scroll to Top