Откако беше објавена фотографијата за шестодишниот Теди, на кого никој од другарчињата не му дојде на роденденот во пицеријата, на адресата Теди сè уште пристигнуваат подароци од сите страни на светот и покани за специјални настани како НБА натпревари. Но, неговите родители велат дека жалат што ситуацијата добила вакви размери.
Родителите Сил Мазини и Тед Болингер, открија дека забавата во локалот „Peter Piper Pizza“ во Тусон, Аризона била прва официјална забава на момчето, кое ги поканило 32-те дечиња од училиште и очекувало да се појават околу дваесетина. Но, и по еден час чекање никој не се појавил на забавата.
Неговата мајка се обидела да му го тргне умот од тоа со помош на игри на телефон, пица и 6-годишното момче малку се расположило.
Во наплив на емоции Сил ја прикачила фотографијата на социјалните мрежи и покрај противењето на нејзиниот сопруг Тед, кој работи на нафтена платформа на Алјаска. Особено била лута што на крајот од пропадната забава дури требала да плати сметка за гостите што не се појавиле.
Сега, на нивната домашна адреса пристигнуваат разни подароци и покани семејството да биде специјален гостин на некои настани, како на пример на натпревар со Леброн Џејмс.
„Искрено, да го вратам времето назад нема да ја објавам таа фотографија. Не сакав вакво внимание и подароци. Бев вознемирена. Не бев паметна. Тоа е сè. Теди не беше тажен тој ден. Само тој миг. Но, наредната година ќе има роденденско патување, наместо забава. И годинава ние му понудивме патување до Дизниленд, екскурзија до Леголенд или забава со другарчињата, а тој го одбра третото.“
Инаку, Теди кога отишол на училиште сите соученици му се извиниле што не се појавиле. И неговите родители порачаа дека разбираат дека луѓето се зафатени и навистина не мислеле дека ширењето на фотографијата ќе добие вакви луди размери.
Повици и подароци сè уште им пристигнуваат од сите страни на светот.