Македонската архитектура промовирана во Њујорк

Во Музејот на модерната уметност (МоМА) во Њујорк пред два дена се отвори изложбата Towards a Concrete Utopia: Architecture in Yugoslavia 1948-1980, која прикажува некои од најголемите и највпечатливи архитектонски дела на просторот на поранешна Југославија. Во изложбата се вклучени и неколку експонати поврзани со Македонија.

Во рамките на изложбата поставена во МоМА, значајно место беше отстапено на земјотресот во Скопје и архитектурата во времето на обновувањето на градот.

„Катастрофата во Скопје во 1963 година, меѓународната солидарност и помош по земјотресот, инволвирањето на ООН во координирање на процесот на обнова, како и улогата на Кензо Танге во планирањето на центарот на градот е интересен за меѓународната публика“, велат Владимир Десков, Ана Ивановска Дескова и Јован Ивановски, кои беа дел од кураторскиот советодавен тим од Македонија.

Покрај оригиналната макета од конкурсниот проект за градскиот центар на Кензо Танге и неговиот тим и макетата од Културниот центар на Биро 71, на изложбата се претставени оригинални цртежи и скици од работата на Кензо Танге во Скопје, како и бројни оригинални цртежи и дел од проектната документација на Градскиот архив и Студентскиот дом „Гоце Делчев“ на архитект Георги Константиновски, Телекомуникацискиот центар на Јанко Константинов, Управата за хидрометеоролошки работи на Крсто Тодоровски, Музејот на Македонија на Мимоза Несторова – Томиќ и Кирил Муратовски, извадоци од проектната документација за Културниот центар на Биро 71, Универзитетскиот комплекс на Марко Мушиќ. Покрај материјалот за Скопје, во делот во кои се претставени спомениците од територијата на поранешна Југославија е презентиран оригинален материјал за споменикот Илинден во Крушево, на Искра и Јордан Грабул.

 

 

Scroll to Top