Македонското студио работеше на холивудскиот филм „Пајни: Oсамената елка“

Анимираната приказна „Пајни: осамената елка“на која работеше македонската компанија „В Хаус Анимејш“ по сценарио и режија на познатиот холивудски тандем Тимоти Хутен и Тод Едвардс, ќе ја има својата светска премиера на трети ноември (недела) во Лос Анџелес. Комплетната анимација, продукција и пост-продукција на ова остварување беше работена девет месеци од тим од 60 артисти/цртачи и аниматори.

Гласовите на ликовите им припаѓаат на реномираните актери: Џонатан Прајс (познат по улогите во „Игра на тронови“, „Сопругата“, „Пиратите од Карибите“), Сајмон Пег (улоги во серијалот филмови „Невозможна мисија“, „Ѕвездени патеки“, анимираниот „Ајс Ејџ“) и Џејсон Ентони („Дневниците на Нарнија“, „Филмот за лего“, „Хари Потер“).

Приказната во „Пајни: осамената елка“го следи необичното пријателство на 9-годишната Џорџи и нејзината омилена елка Пајни за која девојчето се грижи со години. Кога Пајни по грешка ќе биде ставен во следната празнична пратка, Џорџи и нејзиниот дедо, ги поминуваат сите места со новогодишни елки, во обид да го најдат Пајни пред празниците да завршат.

Scroll to Top