Манекенка се породила во тоалет, не знаела дека е трудна

Австралиската манекенка Ерин Лангмаид (23) се породила дома, во тоалетот, бидејќи не знала дека е бремена, пишува „Дејли мејл“. Таа за цело време на бременоста работела, користела контрацептивни инјекции, немала труднички стомак, утринско гадење или други знаци на бременост. Не забележала ни дека облеката ѝ е тесна. Единствено на денот кога ја родила ќерката Исла, се чувствувала лошо.

„Ништо не укажуваше дека нашата ќерка е тука. Тоа беше најголемиот шок во мојот живот“, им рекле Ерин и нејзиниот партнер Дан Карти на новинарите.

Таа раскажала дека отишла во тоалет, а десетина минути подоцна веќе ја држела во раце ќерката, која е родена здрава и која била тешка 3,6 килограми. Дан слушнал дека нешто се случува во бањата, а кога влегол се изненадил кога го видел бебето. Бебето престанало да дише по раѓањето, па таткото повикал брза помош. Девојчето е родено во 37. недела од бременоста.

Според статистичките податоци, една од 500 жени не знае дека е бремена до 20. недела, а една од 2.500 жени ја открива бременоста дури кога ќе почне да се пораѓа. Новата мајка тврди дека немало начин на кој ќе открие порано дека е бремена, но таа и нејзиниот партнер се воодушевени што станале родители.

Scroll to Top