Психологот Дора Попова-Узуновски во „Излет“ ја промовираше нејзината втора книга, романот „Синиот час“. Книгата неодамна излезе во продажба, во издание на клуб „Матица“. Дора вели е задоволна од реакциите на читателите и се надева дека успеала да го погоди вкусот на публиката.
„Од досега сработеното, нескромно можам да признаам дека сум доста задоволна од тоа што го искреирав како дело. Сигурно дека секогаш може да биде подобро, но знам и чувствувам дека се движам по вистинскиот пат. Публиката секој ден ме изненадува со позитивни коментари. И кога ќе ги слушнам коментарите осознавам само дека целта ми е постигната и поентата од страна на публиката доловена, што посебно ме радува“, вели Дора.
„Синиот час“ е роман што ја раскажува љубовната приказна меѓу славната писателка Лола и сурферот Џек. Преку карактерите на двајцата ликови, Дора вели дека сака да го претстави конфликтот што постои во секој од нас.
„Преку карактерите на Лола и Џек и нивната љубовна приказна, сакам да го претставам конфликтот кој постои во секој од нас меѓу еден дел кој постојано е амбициозен, кој се стреми, копнее, кој посакува, но кој за сметка на работата за тие остварувања, ни ја одзема слободата. И еден друг дел, кој засекогаш сака да остане на слобода, кој не сака да порасне, кој сака да остане во една летаргична состојба на уживање и тие стремежи лесно да ги оствари без многу да жртвува од себе, или поточно речено да остане во вечна улога на дете. Од друга страна, Џек треба да сфати дека преземањето одговорност не мора да биде нужно тешко, ако човек вистински сака да го прави тоа што го прави. На тој начин доаѓа до едно ослободување и подмирување на тие два дела во секој од нас, како што и ќе се случи на крајот во приказната меѓу Лола и Џек“, објаснува Дора.
Писателката открива дека најмногу сака да пишува за внатрешниот емоционален товар што го носиме сите ние, стереотипите и предрасудите кои влијаат и ги дефинираат односите со другите луѓе.
„Вообичаено одбирам два до четири ликови во моите приказни кои ги испреплетувам меѓусебно, најчесто во романтично-љубовни и семејни релации. Тој тип на приказни ми е омилен, а мислам дека и пошироката публика го сака. Посебно сакам кога ќе го искомлицирам дејството врз база на нивните карактери. Јас сум сепак психотерапевт. Колку е покомплицирано, толку предизвикот за мене е поголем“, рече Дора.
Промоторки на „Синиот час“ беа Ивана Маринчек и Вера Калин. Публиката на промоцијата ја забавуваше пејачката Ема Јакимова.
(Љ.В)