„Медена земја“ со нова награда за најдокументарец

„Медена земја“ деновиве во САД доби неколку нови престижни награди за најдобар документарец и за кинематографија. Тимот на македонскиот документарец ја прими наградата за најдобар документарен филм, што ја доделува најпрестижното здружение на филмски критичари во Америка, New York Film Critics Circle.

На Гала вечерта што се одржа на 7 јануари, тимот на „Медена земја“ се најде на истата сцена со светските легенди на филмот: Квентин Тарантино, Бред Пит, Мартин Скорсезе, Роберт Де Ниро, Џо Пеши, Алек Болдвин, Стив Бушеми, Спајк Ли, Антонио Бандерас, Рис Витерспун, Лора Дерн и други.

Режисерот Љубомир Стефанов во својот говор се заблагодари на здружението и ја поздрави легендарната Ејми Таубин, 80-годишната влијателна критичарка, која пишува од времето на Енди Ворхол. Таа е автор на една од најубавите рецензии за „Медена земја“ со наслов „Рој и нежност“, која беше објавена во „Артфорум“.

Режисерката Тамара Котевска, пак, потсети колку се чини нереално да се добие ова признание и да се биде меѓу сите славни имиња после четири години поминати во шатори во Бекирлија. Таа рече и дека после сето ова тимот на филмот повторно би влегол во иста таква авантура и им порача на колегите документаристи да го сторат истото бидејќи играниот филм секогаш ќе добива инспирација од документаризмот.

Членови на најстарото здружение од овој тип, кое годинава по 85 ти пат доделува награди, се критичарите од: „Њујорк тајмс“, „Њујоркер“, „Индивајр“, „Ролинг стоун “, „Варајети“, „Венити фер “, „Артфорум “ и други.

Да потсетиме, „Медена земја“ влезе во потесниот избор за номинација за „Оскар“, и тоа во две категории – за најдобар документарец и за најдобар странски филм. Номинациите со петте кандидати за најпрестижната филмска награда ќе бидат соопштени во понеделник (13 јануари). Церемонијата на 92. издание на Оскарите ќе се одржи на 9 февруари 2020 година во Холивуд.

Во меѓувреме документарецот повторно се прикажува во скопските кина: од 9 јануари е на репертоарот на „Милениум“, од 13 јануари во „Кинотека“, а од 16 јануари во „Синеплекс“.

Scroll to Top