Ми ги врзува очите за да препознавам мириси: Италијанскиот креатор Паоло Терензи раскажа како се создаваат парфемите

Италијанскиот креатор на парфеми Паоло Терензи, живее во светот на убавите мириси од своето детство. Семејната компанија „Тицијана Терензи“ ја наследил од неговот дедо кој произведувал скапи парфеми, но и големи бели свеќи за папата и црквите во Ватикан. Со гордост зборува за неговите татко и дедо кои заедно ја изработиле првата миризлива свеќа во светот. „Постои запис за ова. Дедо ми имаше талент за парфеми, татко ми за производство на свеќи, а заедно направија нешто уникатно“, вели тој во интервју за „Репортер“. Во Скопје дојде да го промовира парфемот Vcanto, а на промоцијата изработи парфем и на гостите им покажа како се прават парфеми.

Паоло повеќе од 20 години креира парфеми, а препознава преку 50 различни мирисни ноти одеднаш. На прашањето како се создава еден парфем, тој вели дека „за еден препознатлив мирис, секогаш се бара посебна инспирација“. Некогаш,  тоа е емоцијата, понекогаш музиката, но најголема инспирација му е огнот.

„Се се врти околу огнот, без разлика дали е камин, логорски оган или огнот на љубовта. Инспирација може да е и поврзаноста со луѓето за кои го креираш парфемот. Важни се емоциите, но и околината во која е создава секој парфем. На пример, за најновиот, Vcanto, инспирација ми е љубовната приказна на Паоло и Франческа стара повеќе од 1000 година, а се случувала во замокот што се наоѓа во близина на домот во којшто израснав. Љубовта е вечна инпирација за секој уметник“, раскажува Паоло Терензи, кој шпо професија е адвокат и филозоф.

Откако ги завршил студиите решил да ѝ се посвети целосно на оваа работа. Денес  самиот комбинира ноти и мириси и ги избира состојките за секој нов парфем што го произведуваат.

„Отсекогаш живеев во тој свет. Дедо ми ме научи се за парфемите уште додека бев мал. Како дете, не можеше да ме задржи на едно место, па за да ми го привлече вниманието, ми ставаше превез преку очите и ми даваше да мирисам различни работи. Преку игра ме внесуваше во работата, а јас пораснав со идејата дека парфемите и играњето со молекулите се дел од мојот живот исто како и дишењето. Знаев дека тоа ќе биде мојата професија“, раскажува Паоло.

Семејната компанија потои уште од пред Втората светска војна. На почетокот имале мала продавница за парфеми и фабрика за производство на свеќи, а потоа бизнисот е проширил.

„Произведуваа свеќи за Ватикан и папата, за црквите во Италија. Дедо ми имаше посебен талент за парфеми, но ги произведуваше во мали количини, за одбрани клиенти. Во работата подоцна се вклучи и татко ми, кој имаше талент за свеќи. Заедно со дедо ми ја произведоа првата миризлива свеќа во светот, заедно направија нешто уникатно и постои запис за тоа дека ние сме семејството што ја измислило миризливата свеќа. Денес нашите парфеми и миризливи свеќи ги продаваме во преку 80 земји во светот“, ни откри Паоло.

Потекнува од богато семејство, но смета дека најголемото богатство е образованието и слободата да биде свој и уникатен. Тоа што го научил од својот татко и дедо, сега сака да го пренесе на неговите деца, па еден ден тие да ја преземат семејната компанија.

„Привилегија е да се живее во семејство како моето и тоа го кажувам без скромност. За среќа, компанијата не ја водам сам, туку со мојата сестра Тицијана, па заедно се соочуваме со сите предизвици што ни ги носи работата. Син ми има 13 години и одличен нос кој може да препознае многу ноти, па кога се враќам од лабораторијата ги ‘лови’ мирисите што ми останале на облеката. Ќерка ми веќе има 17 години, а таа има талент за уметност и за дизајн. Се надевам дека ќе сакаат да ни се придружат во работата, но повеќе од тоа сакам да изберат професија и сопствен пат што ќе ги направи среќни“, вели тој.

Ни откри дека во оваа професија има и многу непријатели, кои го копираат или се обидуваат да ја украдат формулата за некој парфем, но тој секогаш се труди да е различен и прв во тоа што го прави. Вели, создавањето парфеми бара голем талент и знаење. Понекогаш тој процес трае неколку минути, некогаш и неколку години. Иако Паоло за себе вели дека знае како вистински да ги комбинира мирисните ноти, се уште не е сигурен дека има талент за оваа работа. 

Терензи раскажува дека обичните луѓе може да препознаат пет до шест ноти во ист момент, луѓето што учат за оваа професија и до 25 ноти, а дека тој може да намириса преку 50 ноти одеднаш. Потоа, ги комбинира различните мириси и создава парфеми и ароми за миризливите свеќи.

„Никогаш не можам да сум сигурен дека комбинацијата ќе биде успешна. Сум направил одлични комбинации кои им се допаѓаат на луѓето, но и многу погрешни комбинации и не жалам за ниедна. Секогаш го следам инстинктот. Не дозволувам луѓето да ја злоупотребуваат мојата креативнот и заради ова сум изгубил многу можности, но работата понекогаш бара компромиси што не можам да ги направам“, вели Терензи.

Андријана Јовановска

Scroll to Top