Мјузиклот „Дијана“ со најмногу номинации за Златна малина, Брус Вилис доби посебна категорија за неговите филмови

Мјузиклот „Дијана“, посветен на починатата британска принцеза, доби девет номинации за Златна малина, наградата што се доделува на најлошите остварувања во филмот. Оваа година организаторите на Златна малина воведоа и посебна категорија „Брус Вилис“ во која ќе се оценуваат филмовите на актерот и ќе се избере најлошиот од нив.

Номинациите за Златна малина традиционално се објавуваат еден ден пред номинациите за Оскарите. „Дијана“ е номиниран во девет категории, вклучувајќи ја и онаа за најлош филм. Во оваа категорија се и „Бесконечно“, „Вселенска кошарка 2“, „Карен“ и „Жената на прозорецот“.

Филмот „Дијана“ во продукција на „Нетфликс“ е заснован врз мјузикл на Бродвеј. Двете верзии добија многу лоши критики, па претставата беше тргната од репертоарот по 33 изведби.

„Еве што видовме во 2021: измачувачки мјузикли, трилери без возбуда и повеќе Брус Вилис одошто стомакот на еден гладен гледач може да поднесе. Со други зборови, 2021 не ги изневери златните малини“, кажаа организаторите.

За најлош актер се номинирани Скот Иствуд, Рои Хартрампф, Леброн Џејмс, Бен Плат и Марк Волберг, а за најлоша глумица  Ејми Адамс, Џина де Вал, Меган Фокс, Тарин Менинг и Руби Роуз.

Златните малини се доделуваат една недела пред Оскарите.

Scroll to Top