Модни митови што треба да ги заборавите засекогаш

Некои наводни закони на модата постојат во нашите глави. Меѓутоа, кога малку подобро ќе размислиме, тие баш и немаат некоја основа. Некои дури се и чиста спротивност од она што тврдат стилистите. Некои модни митови, едноставно, треба да ги заборавите засекогаш.

Мит: Одредени парчиња добри им стојат само на слабите и високите девојки.

Вистина: Ако нешто не ви стои, во 99% од случаите, причината е тоа што тој стил или крој не ви одговара.

Мит: Дезените со големи детали се наменети само за крупните жени и обратно – дезените со мали детали се само за слабите дами.

Вистина: Овој мит се сведува на претходниот – добриот дезен е добар дезен, без разлика на неговата големина. И да, тоа ги вклучува и хоризонталните линии!

Мит: Квалитетот ја диктира цената.

Вистина: Цената не е секогаш показател за квалитетот – модните компании не ви ја наплаќаат вредноста на самиот производ, туку онолку колку што мислат дека сте во состојба да дадете. Најбитно е да умеете да направите разлика помеѓу она што изгледа евтино и она што изгледа скапо, без разлика дали е во прашање облека, чевли или модни додатоци.

Мит: Во дневните комбинации треба да додадете само едно масивно или впечатливо парче што ќе ја разбие комбинацијата.

Вистина: Иако е добра идејата да се спротивставите на неутралните парчиња со оние впечатливите, сепак не значи дека морате да се ограничите само на едно такво парче. Едноставно распоредете ги така што нема да изгледаат натрупани на едно место. Освен ако не сакате да го постигнете токму тој ефект.

Мит: Струкот и женствената фигура најдобро ќе ја истакнете со ремен.

Вистина: Иако е точно дека со ременот визуелно ќе ја поделите фигурата и ќе ги истакнете облините, никој не вели дека тој ефект ќе можете да го постигнете само на тој начин. Многу дневни парчиња го даваат истиот ефект благодарение на кројот или распоредот на бојата, па создаваат оптичка илузија. Или едноставно, истакнете го својот струк на поинаков начин, на пример со кратка кожена јакна која ќе ја наметнете преку фустанот.

Мит: Најпаметно е да вложувате во класични парчиња, отколку во она што е во тренд.

Вистина: Најпаметно е да вложувате во она што најмногу ви се допаѓа и она што најмногу ќе го носите. Ни облеката со класични кроеви не трајат вечно, а меѓу другото, лесно повторно ќе дојдете до неа кога ќе ви здосади она што е во тренд.

Мит: Високите потпетици се пософистицирани од балетанките.

Вистина: Влезете во било кој шопинг центар и ќе видите дека сѐ е исклучиво прашање на став. Точно е дека штиклите го менуваат движењето, но истиот ефект можете да го остварите така што ќе ги исфрлите рамениците наназад, ќе ја кренете брадата и ќе го истакнете градниот кош. А тоа го можете и боси.

Scroll to Top