Момче ќе дипломира на девет години, а по докторските студии сака да создава вештачки органи

Деветгодишниот Лорен Симонс од Белгија го нарекуваат чудо од дете. Тој студира електротехника и планира да дипломира на Универзитетот за технологија во Ајндховен следниот месец. Студиите ги почна минатата година. Откако ќе дипломира, Лорен сака да продолжи со докторски студии по електротехника, а истовремено ќе студира и медицина, открил неговиот татко Александер за „Си-ен-ен“. Потоа, тој сака да развива вештачки органи.

Талентот на момчето првпат го забележале баба му и дедо му, а родителите сметале дека претеруваат, но набргу и наставниците се согласиле. Тие го тестирале темелно и им кажале на родителите дека е како сунѓер кој бргу апсорбира неверојатна количина информации.

Лорен потекнува од докторско семејство, но сè уште нема објаснување зошто е толку надарен. Универзитетот му дозволи да ги заврши студиите порано од другите студенти. Сјоер Хулшоф од Универзитетот вели дека Лорен е извонреден.

„Тој е најбрзиот студент што сме го имале. Не само што е хиперинтелигентен, тој е исто така многу сочувствителен“, рекол Хулшоф.

Заради неговиот напредок, неколку престижни универзитети од светот го бараат, но семејството на Лорен засега не открива каде ќе се запише да докторира. Неговите родители внимаваат, покрај учењето, Лорен да има време и за игра.

„Не сакаме тој да стане многу сериозен, па прави што сака“, рекол татко му и додал дека мора да постои рамнотежа меѓу детството и талентот.

 

Scroll to Top