Момчето што пред три години беше оставено да умре, денес зрачи со самодоверба

Фотографијата на која Ања Рингрен Ловен од Данска му дава вода на слабо, прегладнето момче од Нигерија, пред три години го обиколи светот. Хуманитарката и денес се сеќава на моментот кога првпат го видела детето како изнемоштено и гладно талка низ улиците, па го спаси од смрт.

Едно нигериско племе го отфрлило момчето од нивната заедница оти мислеле дека е вештер. Тие го напуштиле и го оставиле да умре, без храна, вода и облека. Откако го нашла како оди само, Ања му дала вода и бисквити. Таа неколкупати рекла дека на почетокот не верувала дека тој ќе преживее. Му го дала името Хоуп (надеж), оти, вели, се надевала дека ќе преживее.

Ања го води Хоуп во болница

Благодарение на нејзината грижа и напор, Хоуп денес е здраво момче. „Вистински шампион“, вели Ања која секоја година на социјалните мрежи објавува слики за тоа како напредува и како живее Хоуп денес.

Таа неодамна на „Фејсбук“ објави емотивен статус и го посвети на денот што ги промени и нејзиниот и животот на Хоуп.

Хоуп во болница пред три години

„Денес се навршуваат три години откако светот ја виде фотографијата на Хоуп откако го најдовме, повеќе мртов отколку жив. Во 2016 година, на 30 јануари, светот слушна за суеверието дека тој е вештер. Тоа не е само суеверие што го знаеме од филмовите и нашите сопствени верувања, туку и суеверие кое убива илјадници невини деца секоја година. Тоа не е само убиство, туку и мачење деца на најтешкиот начин што може да се замисли, додека смртта не стане олеснување. Тој ден не бев сама. Тоа беше тимски напор. Јас не сум и никогаш нема да бидам бел спасител кој дојде да ги спаси африканските деца. Јас сум само човек и го правам само она што чувствувам дека е исправно. Денес, Хоуп е многу силно и здраво момче, со голема самодоверба. Тој е многу интелигентен и сака да оди на училиште. Тој е заинтересиран за животот и сака да научи нешто ново секој ден. Секогаш ќе се прашувам зошто меѓународната заедница ги затвора очите кога станува збор за убиство на толку многу невини деца?!“, напиша таа во статусот.

Хоуп денес е момче полно со самодоверба

Ања со порака му се обрати и на момчето што го спаси пред три години.

„На мојот Хоуп: Јас секогаш ќе те сакам. Ова е последен пат да правиме ваква фотографија. Знам дека сакаш, но веќе му покажавме на светот дека си шампион. Веќе не ти треба мојата заштита. Силен си и знам дека наскоро ќе го освоиш светот. Ќе навивам за тебе на тој пат “, напиша таа.

Ања Ловен е ангажирана во хуманитарна работа во Африка. Заедно со сопругот, Дејвид Емануел Умем, има сиропиталиште во југоисточна Нигерија, каде што се сместени деца кои се напуштени од своите семејства поради суеверие. Таа е вклучена и во проект наречен Land of Hope (Земја на надежта) за помош на децата.

Scroll to Top