Мон Блан се смалил еден метар од последното мерење

Највисоката планина во Западна Европа, Мон Блан, е пониска еден метар од нејзината досегашна официјална височина. Француска експедиција во средината на септември утврдила дека планината сега е висока 4.807,81 метри, а во 2017 година биле измерени 4.808,72 метри.

Мон Блан се смалува веќе цела деценија. Најголемата височина од 4.810,90 метри била измерена во 2007 година.

„Планината секоја година губи од својата височина и тоа се случува од 2001 година“, велат француските експерти и додаваат: „Сега климатолозите, глациолозите и други научници треба да ги анализираат собраните податоци и да дадат свои теории за овој феномен“, изјавија француските географи, кои учествуваа во експедицијата.

Мерењата на Мон Блан, кој се наоѓа во француските Алпи, се вршат на секои две години, а височината варира во зависност од снежниот слој на врвот. Според експертите, карпестиот дел на врвот има 4.792 метра.

Scroll to Top