Филмот „Мрачниот Феникс“, последниот од серијалот „Икс-Мен“, е најголемото холивудско промашување за 2019 година.
Филмот доби негативни критики веднаш по премиерата во јуни. Уште тогаш студиото „Фокс“ процени дека загубите ќе бидат меѓу 100 и 120 милиони долари. На крајот „Мрачниот Феникс“ заработи 252 милиони долари на светско ниво, а загубата изнесуваше 133 милиони.
На второто место на листата за 2019 година е „Терминатор: Мрачна судбина“, кој оствари загуба од 122,6 милиони долари, иако со овој филм повторно се обединија Арнолд Шварценегер, Линда Хамилтон и Џејмс Камерон.
Во првите пет уште се и мјузиклот „Мачки“ (загуба од 113,6 милиони долари), научно-фантастичниот трилер „Близнак“ со Вил Смит (111,1) и анимираниот филм „Врска што недостига“ (101,3).