Муслиманско семејство обновува православна црква: Нашите пријатели Срби веќе не се тука, но оваа урнатина е нивниот храм

Месуд Керановиќ, од селото Осредак во Босна и Херцеговина, веќе неколку години со семејството ја обновува разрушената православна црква. Пред војната во 1990те, во селото живееле Бошњаци и Срби, но со текот на времето, сите Срби се раселиле. Тие зад себе ги оставиле куќите, црква и гробишта, кои почнале да пропаѓаат. Но, последниве години, црквата и гробишта се обновени и ги одржува муслиманското семејство Керановиќ.

Месуд, неговата сопруга и синовите го користат секој слободен момент за да ја обноват црквата.

„Почнавме со реновирање пред четири години. Тогаш црквата беше во фаза на уривање, ако не почневме да работиме, ќе се срушеше. Потоа почнавме да чистиме, да ги санираме ѕидовите кои се распаѓаа и беа целосно распукани“, вели Месуд.

Тој порано работел во градежништвото, па затоа знаел што треба да направи. Но, вели дека неговата волја да ја обнови црквата го охрабрила да научи и работи што претходно не ги знаел.

„Живеам тука повеќе од 40 години, а моите пријатели, оние од пред сето зло што се случи и војната, веќе ги нема тука. Понекогаш доаѓаат, стоиме, разговараме. А зад нас стои руина. Тоа е нивното светилиште и затоа решив да го обновам“, додава Керановиќ.

Другите жители она селото не биле воодушевени од идејата, па единствената помош Месуд ја добил од синовите и сопругата. Синовите учат градежништво и тие со свои идеи му помогнале на татка си.

„На почетокот сè беше физичка работа, па беше тешко. Потоа продолживме со бетонирање. Имаше многу мали, прецизни работи што требаше да се направат. Сакавме да излезе најдобро што може, иако тоа го работиме првпат. Кога стигнавме до завршните работи, сè повеќе забрзуваме, зашто едвај чекаме да видиме како ќе се случи“, вели Сенад, синот на Менсуд.

Во физичката работа им помагала и сопругата на Менсуд, Фатима.

„Им помагав и кога креваа плочки, зашто за тоа требаше да има повеќе работници. Па кога децата беа на училиште и немаше никој, на Менсуд му помагав јас“, вели Фатима.

Идејата на Месуд за обнова на Православната црква ја поддржаа неговите некогашни соседи, Срби, кои во војната побегнале од селото. Сега тие живеат низ целиот свет, но помагаат финансиски. А Месуд им испраќа фотографии и ги известува како напредуваат работите.

„Би сакал секој да се врати на своето и животот да продолжи, бидејќи она што беше помина. Никому не му треба зло, војната не донесе ништо добро. Жалам што војната нè подели. Но, се надевам дека барем со некој од моите пријатели од детството ќе доживеам старост“, вели Месуд.

 

Scroll to Top